Врз основа на член 77 и 78 од Законот за игри на среќа и забавните игри (Службен весник на РСМ бр.24/11, 51/11, 148/11, 74/12, 171/12, 27/14, 139/14, 61/15, 154/15, 23/16 и 178/16) организаторот на посебни игра на среќа во обложувалница - Друштво за спортски обложувалници и игри на среќа, трговија и услуги ЗЛАТНА КОПАЧКА - ЕДЕН ДОО Скопје на ден 15.04.2025 година донесе:
ПРАВИЛА НА ИГРА ЗА ОБЛОЖУВАЊЕ НА РЕЗУЛТАТИ НА РАЗЛИЧНИ СПОРТСКИ НАСТАНИ
Назив и седиште на Приредувачот на “Игри на среќа во обложувалница”
Член 1
Приредувач на игри на среќа во обложувалница е: Друштвото за спортски обложувалници и игри на среќа, трговија и услуги ЗЛАТНА КОПАЧКА – ЕДЕН ДОО Скопје, бул. Борис Трајковски бр. 198, Скопје, општина Кисела Вода (во понатамошниот текст Приредувач).
Име, опис, место и времетраење на играта на среќа
Член 2
Приредувачот приредува обложување на посебните игри на среќа “Игри на среќа во обложувалница” во времетраење на добиената лиценца од Владата на РСМ, почнувајќи од датумот на добивање на лиценцата.
Приредувањето на игрите на среќа обложување, односно примањето на уплатите и исплаќањето на добивките од обложувањето, се вршат во таканаречените уплатно–исплатни места на Приредувачот.
Член 3
Предмет на обложување претставува обложувањето на резултатите или конечните исходи на различни спортски натпревари или други видови на реални настани, било да се идни или додека се во тек (обложување во живо), односно обложување на резултатите на поединечни или групни спортски натпревари, трки и сл, како и обложување на танцови, пеачки, музички и слични натпреварувања, или пак некои други натпреварувања кои може да се одвиваат во земјава или странство и кои приредувачот ќе ги понуди на учесниците во обложувањето.
Член 4
Учесникот во обложувањето (играчот) може да се обложува на следните групи, видови или типови игри:
- конечен тип
- полувреме-крај или 45-90
- вкупно голови или опсег на голови
- дупла шанса
- дава, не дава гол
- тип на прво или второ полувреме
- дупла или сигурна победа
- гол-гол, не гол
- комбиниран тип на игри
- време на прв гол
- тим 1 дава гол, тим 2 дава гол
- пар - непар
- тип со хендикеп
- паѓаат повеќе голови
- винер (winner)
- супер сингл
- прв дава гол
- вкупно голови во лига
- точен резултат
- и други видови на игри кај кои веројатноста на исходот е изразена со коефициенти
За голем дел од горенаведените игри, во зависност од спортот, значењето е исто, но може да се јави различна терминологија, како што е:
- за кошарка се користат термините четвртина, вкупно поени...
- за хокеј се користат термините третина, третина-крај...
- за тенис и одбојка се појавуваат термини од типот гемови, сетови, прв сет, вкупно гемови....
- за снукер – фрејмови,
- за бејзбол – ининзи, итн., итн.
Посебни типови на игри може да има во понудата за обложување кога Приредувачот ќе нагласи дека се однесуваат за некој од натпреварувачите или некоја од екипите дали ќе помине во следната фаза на натпреварувањето, или може да се даде и понуда за индивидуален учинок за некои натпреварувачи за остварени поени, асистенции, бодови...
Во понудата за обложување може да се понудат и долгорочни типови, во стилот на освојувач на лига, куп, шампионат, што зависи од самиот спорт, и за овие облози играчите мораат да го чекаат финалниот исход од самото натпреварување за кое се обложиле.
Приредувачот може да даде и поширока понуда за обложување за само еден натпревар – специјален сингл (може да се типува почетен удар, прв аут, прв корнер, прв жолт или црвен картон, прва замена, прв стрелец на гол, последен стрелец на гол, стрелец во тек, автогол и сл), и условите за врзување на овие игри го одредува самиот, со нагласено соопштение.
Исто така, постои можност за обложување на замислени натпревари каде играчите се обложуваат за некој учинок на две различни екипи/натпревари/натпреварувачи, а победникот од тој замислен натпревар се утврдува според реалниот скор на постигнати голови/погодоци кои тие екипи/натпревари/натпреварувачи го постигнале на нивниот вистински натпревар.
Во дадени ситуации, Приредувачот, за своја лична промоција кај играчите, како и во маркетиншки цели и репрезентација на Друштвото, може да организира натпревар (со точно дефинирани услови за учество, времетраење и начин на рангирање), помеѓу своите играчи, кои во самото натпреварување, ќе покажат одредени вештини и знаења во врска со обложувањето, па на име на тоа, би добиле и соодветни парични или стокови поклони (репрезентација), кои секако ќе подлежат на оданочување за персонален данок на лични примања (поклон).
И на крај, Приредувачот може да понуди и некои други видови игри за обложување, а кои согласно член 3 од овие правила, ќе произлегуваат од математички определени веројатности на реални и јавни настани претставени низ соодветен коефициент.
Член 5
Приредувачот секој вторник и петок во неделата, издава печатено издание – билтен, во кој се наведуваат коефициентите на типовите и видовите на игри за понудените натпревари кои се предмет на обложувањето. Во случај да нема нов билтен со понуда во вторник или петок, Приредувачот истото однапред ќе го најави.
На дневно ниво, Приредувачот може да издава додаток на понудата за обложување, која ќе ги содржи сите потребни елементи за да играчите можат да се обложуваат без потешкотии, при што самиот додаток може да содржи и правила и инструкции за обложувањето на дадената понуда и кои играчите треба да ги почитуваат при обложувањето.
Услови за учество во играта на среќа
Член 6
Услов да се учествува во играта е играчите да не се помлади од 18 години и да се придржуваат и да ги прифатат пропишаните правила на игра од страна на Приредувачот.
За лица под 18 години забранет е влезот во уплатно - исплатните места на Приредувачот.
На лица под 18 години не им е дозволена уплата на тикети.
Приредувачот има право да побара важечка исправа за идентификација поради сомневање дека лицето нема наполнето 18 години.
Член 7
Учесниците пополнуваат тикети за погодување на резултати на натпреварите, за кои ги обележуваат најважните елементи потребни за учество во обложувањето.
При уплата на тикетите, играчот мора да ги наведе шифрите на одиграните натпревари, типот на игрите и саканиот износ на уплата, како и бројот на одиграни комбинации во случај на системски тикет, во спротивно уплатата нема да биде реализирана поради недефинирани параметри при обложувањето.
Во случај Приредувачот да пропише услов за минимален број на натпревари за одреден тип на игри кои мора да бидат одиграни на тикетот на играчот, истиот мора да се исполни од страна на играчот, во спротивно уплатата на облогот нема да биде реализирана.
Член 8
Со реализираната уплата на тикетите (која може да биде извршена од страна на вработените кај Приредувачот, или пак играчот самостојно би го направил истото на адекватни терминали за овој тип на уплата-бетомати, кои можеби во иднина би биле поставени од страна на Приредувачот во неговите уплатно-исплатни места), играчите добиваат отпечатен тикет, кој треба да го чуваат кај себе и со самото тоа, потврдуваат дека безусловно ги прифатиле правилата на игра пропишани од страна на Приредувачот.
Висина на влогот, број на натпревари и краен рок за уплата во играта на среќа
Член 9
Минималниот износ на уплата е 20 денари по тикет.
Во случај на одигран системски тикет, минималната уплата по комбинација може да биде најмалку 1 денар, но тикетот не може да биде уплатен под прагот од 20 денари.
Максимален број на натпревари кои можат да бидат одиграни на еден тикет е 50.
Износот на минимална уплата по тикет, износот на минимална уплата по комбинација на тикет, како и максималниот број на одиграни натпревари може да се менува по претходна најава и објава, и е дискреционо право на приредувачот. За секоја евентуална промена на минималната уплата или максималниот број на натпревари за еден тикет, Приредувачот е должен најкасно 8 дена пред промената, истото да го објави на видно место во своите уплатно-исплатни објекти, на својот веб сајт и во самиот билтен.
Член 10
Уплатата е важечка доколку е уплатена пред почетокот на натпреварот/ите. Се препорачува играчите да ги уплаќаат своите тикети најмалку 15 минути пред почетокот на натпреварот/ите и истите да ги проверат, за да има време за евентуална измена на нивните тикети во случај на грешка, или пак ако самите играчи имаат желба за некаква измена.
Сторнирањето на тикетите е возможно само 15 минути по уплатата на тикетите (доколку нема ниту еден започнат натпревар), а сите подоцнежни рекламации и жалби не се признаваат.
Вид и вкупна вредност на добивките
Член 11
Добитна комбинација е онаа која нема ниту еден промашен тип.
Добитна комбинација на тикет може да има и доколку приредувачот понуди облози кај кои играчот дури и со еден или повеќе промашени натпревари исполнува зададени услови (системски тикети).
Приредувачот, на своја иницијатива, може да понуди и одреден тип на натпревари да имаат повисоки коефициенти, или пак да се додава бонус, во вид на процентуално зголемување на потенцијалната добивка на играчите, во случај на исполнување на одредени услови при уплатата на тикетите, кое однапред ќе биде најавено и дефинирано.
Исто така, Приредувачот, на своја иницијатива, може да понуди на играчите и опција за предвремена исплата, таканаречена “Cash Out“ исплата, при што играчот доколку има погодено еден дел од натпреварите на неговиот тикет, за останатите незапочнати натпревари би добил понуда за одреден износ на исплата, што ќе се добие како математички еквивалент од коефициентите на погодените и незапочнатите натпревари и истиот го одредува Приредувачот. Во тој случај, и при ваков вид на исплата, овој тикет ќе добие статус на добитен тикет.
Максималната добивка на еден тикет зависи од бројот на одиграни натпревари.
Од 1-20 одиграни натпревари, максималната добивка по тикет изнесува 1.500.000 денари.
Од 21-30 одиграни натпревари, максималната добивка по тикет изнесува 3.000.000 денари.
Од 31-50 одиграни натпревари, максималната добивка по тикет изнесува 6.000.000 денари.
Бројот на потребни парови за да се оствари максимална добивка, како и износот на максималната добивка, може да се менува по претходна најава и објава, и е дискреционо право на Приредувачот. За секоја евентуална промена на условите за максималната добивка по тикет, Приредувачот е должен најкасно 8 дена пред промената, истото да го објави на видно место во своите уплатно-исплатни објекти, на својот веб сајт и во самиот билтен.
Начин, постапка и контрола на утврдување на добивките
Член 12
Важечки е резултатот постигнат во регуларниот тек од натпреварот, трката или настанот во зависност од самиот спорт ( 90 минути, 48 минути, 60 минути, 40 минути итн.), а продолженијата не се земаат во предвид, освен ако не е поинаку нагласено.
Веродостојноста на резултатот од некој натпревар или настан, како и име на стрелци, остварени поени, корнери, број на картони, време на прв гол, корнери, пенали и сл. се потврдува од официјалните интернет страни за секое натпреварување.
Во случај на дисквалификација на некој натпреварувач по завршувањето на натпреварот, или пак дојде до прогласување на службена победа за некоја екипа од било кои причини, исто по завршувањето на регуларниот тек на натпреварот, тој исход нема да се земе во предвид и важечки резултат ќе биде остварениот резултат во регуларниот тек на натпреварот/натпреварувањето.
Во случај да на некои пријателски натпревари, или пак стане збор за лиги од многу подолни нивоа (аматерски натпревари) на федерациите, за кои не може да се обезбеди точен и официјален резултат за одреден период од натпреварот (пр. резултат на полувреме или резултат по четвртини), за ваквите натпревари после 96 часа ќе бидат обработени само оние типувања за кои може да се потврди веродостојноста на резултатот, а за сите останати типови ќе биде пресметан коефициент 1.
Член 13
Во случај на одложување на еден натпревар од било кои причини, но кој ќе започне во рок од следните 48 часа, или пак започне точно на истекот на 48-те часа од првичниот предвиден термин за натпреварот, постигнатиот резултат ќе биде важечки за сите типови на игра.
Во случај на одложување на еден натпревар од било кои причини и доколку истиот не започне во следните 48 часа од првичниот предвиден термин, за тој натпревар ќе се пресметува коефициент 1 за сите типови на игра.
Член 14
Во случај на прекин на одреден натпревар од било кои причини, се чека 48 часа за негово доигрување, при што натпреварот ќе се регистрира и обработи согласно постигнатиот резултат од доигрувањето, и овој резултат ќе се смета дека е постигнат во регуларен тек на натпреварот.
Доколку прекинатиот натпревар не се доигра во рок од 48 часа, сите типувања поврзани со тој натпревар, чиј исход до моментот на прекинот не е познат, ќе се обработат со коефициент 1, за сите останати типувања чиј исход е веќе познат до моментот на прекинот, постигнатиот резултат ќе биде важечки и овие одиграни типови ќе се обработат регуларно.
Во ситуација да прекинатиот натпревар не продолжи во рок од 48 часа, и воедно се донесе одлука да во тие 48 часа, истиот се преигра целосно од почеток, т.е. да започне повторно од првата минута, првичниот прекинат натпревар, од страна на Приредувачот ќе се смета за официјално прекинат, и обработката на типувања за тој натпревар ќе бидат истите согласно став 2 од овој член.
Во случај да некој натпревар биде официјално прекинат, при што постигнатиот резултат до моментот на прекинот ќе биде прифатен од страна на соодветните фудбалски федерации за официјален резултат на истиот тој натпревар, или можеби се донесе одлука за некој службен резултат на истиот тој натпревар, овие дополнителни одлуки за официјални (службени) резултати нема да бидат прифатени од страна на Приредувачот и обработката за прекинатиот натпревар ќе биде согласно став 2 од овој член.
Исклучок при обработката на прекинати натпревари ќе биде само кај фудбалските натпревари, каде во ситуација да прекинот се случи по започнувањето на 85-тата минута, тогаш Приредувачот ќе го смета постигнатиот резултат до тој момент да биде и конечен резултат на натпреварот, за сите типувања поврзани со истиот тој натпревар.
Член 15
Во случај на грешка од страна на Приредувачот врзана за времето или местото на одигрување на натпреварот, Приредувачот го задржува правото тој натпревар да го прогласи за неважечки и да го обработи со коефициент 1.
Доколку се утврди дека во понудата за обложување е даден погрешен пар или натпреварувач, Приредувачот го задржува правото тој натпревар/натпреварувач да го прогласи за неважечки и да го обработи со коефициент 1.
Во случај одреден натпревар/настан да започне пред датумот и времето наведени во билтенот, а постојат тикети што се уплатени после реалниот почеток на конкретниот натпревар, исто така за тој натпревар ќе се обработи коефициент 1, и тоа за сите типови и игри на тикетите кои се уплатени по реалниот почеток на натпреварот.
Покрај ова, доколку на одреден натпревар/настан се утврди евидентна грешка врзана за објавените коефициенти/хендикепи/граници од страна на Приредувачот, т.е. коефициенти кои значително се разликуваат од пазарот на коефициенти во државата или светската берза на коефициенти, или пак коефициентите се обратно поставени во однос на фаворитот на натпреварот, типовите изиграни со овие коефициенти, Приредувачот ќе ги поништи и пресмета со коефициент 1.
Член 16
Приредувачот го задржува правото да врши измени на коефициентите од натпреварите објавени во тековниот билтен, аналогно на измените на коефициентите кои се случуваат на светско ниво на обложувалници. Измените на коефициентите ќе бидат благовремено ажурирани на веб сајтот на Приредувачот и за играчите се важечки коефициентите во моментот на уплата кои ќе бидат прикажани на самиот тикет.
Член 17
Специјални правила по спортови, трки или типови на игри кои може да се разликуваат од генералните и се специфични за тој одреден спорт, настан или вид на обложување:
Правила за фудбал:
Жолтите или црвените картони кои се доделени по официјалниот крај на мечот, или се доделени на играчи кои не се во игра, можеби тренерот, или некое друго официјално лице на натпреварот, нема да се земаат в предвид кај игрите поврзани со овие настани.
Доколку се случи судијата да додели повеќе жолти или повеќе црвени картони во исто време на двајца или повеќе играчи, но од различни екипи, за игрите „Прв црвен картон“ и „Прв жолт картон“, ќе се пресметува коефициент 1.
Важечки формат на еден фудбалски натпревар е 2 полувремиња х45 минути. Во случај да има измена на форматот на натпреварот ( 2х30; 3х30 или некаков поинаков формат ), а истото не е наведено во понудата за обложување, за сите типувања за тој натпревар ќе се пресмета коефициент 1.
Правила за тенис:
Доколку еден од двајцата играчи се откаже пред да започне натпреварот, парот се прогласува за неважечки и за тој пар, за сите игри важи коефициент 1.
Во случај да дојде до предавање на мечот од еден натпреварувач, се пресметува коефициент 1 (за сите игри) без разлика дали мечот започнал или не.
Доколку некој регуларен натпревар во тенис се одложи пред почетокот на мечот или се прекине во текот на мечот (поради дожд, мрак или слично), се чека конечен исход на истиот, без разлика дали поминале 48 часа (ова важи само за тенис, бидејќи тој натпревар мора да добие своја завршница).
Правила за кошарка:
Во понудата за обложување на индивидуален учинок на играчите во своите тимови, односно колку поени ќе постигнат во еден натпревар, се сметаат и поените постигнати во евентуалните продолженија на натпреварот.
Правила за бејзбол:
Доколку натпреварот е одложен, не се чекаат 48 часа за негово одигрување, туку веднаш утредента се пресметува коефициент 1.
Во случај на продолженија, за игрите конечен тип и вкупно поени, важи резултатот остварен после продолженијата.
Доколку натпреварот е прекинат, за сите игри се пресметува коефициент 1.
Во случај да во ист ден, два исти тима играат два натпревари еден по друг, се зема предвид натпреварот со саатницата дадена во додатокот или билтенот.
Правила за индивидуални спортови/учиноци (мото трки, скијачки натпреварувања, велосипедизам, пикадо, пинг-понг...):
Доколку натпреварувачот не се појави на стартот на трката (или пол-позиција), за тој натпреварувач соодветно се пресметува коефициент 1. Истото се случува и ако се појави на загревачки круг, а не ја стартува трката. Меѓутоа, доколку натпреварувачот ја стартувал трката, тогаш се зема предвид неговиот пласман без разлика дали ја завршил трката до крај или предвреме се откажал од кои било причини.
За пол-позиција, валиден резултат се смета како што завршило натпреварувањето за пол-позиција и само тој редослед е регуларен. Доколку подоцна некој од натпреварувачите е дисквалификуван или казнет од било кои причини, ново-добиениот редослед на натпреварувачите нема да се зема в предвид.
Во играта дуели на возачи, доколку двајцата возачи не ја завршат трката, се пресметува коефициент 1 за тој пар. Доколку едниот од натпреварувачите не ја започне трката, исто така се пресметува коефициент 1. Но, доколку само еден натпреварувач не ја заврши трката, победник во дуелот се смета дека е другиот натпреварувач.
За игрите поврзани со индивидуалниот учинок на натпреварувачите, доколку натпреварувачот воопшто не влезе на натпреварот, се пресметува коефициент 1.
Правила за обложување во живо:
Натпреварите за кои Приредувачот ќе даде понуда за обложување во живо, и во моментот на нивното одигрување може да се следи оваа понуда на приказите за обложување во живо во самите уплатно-исплатни места, или пак на сајтот на Приредувачот, истите тие натпревари, може да се играат како сингл, можат да се врзуваат меѓусебно на тикет без никакви услови, или пак можат да се врзуваат со натпревари од стандардната понуда, како т.н. микс-тикети. На еден тикет може да има минимум 1, а максимум 50 типови од натпревари кои се играат моментно (во живо) или во комбинација со незапочнати.
За обложувањето во живо важи коефициентот во моментот на уплатата, за типот на играта која е играна и која јасно излегува на тикетот.
Тикетите во Обложување во живо не можат да се сторнираат. Се молат играчите јасно и експлицитно да кажат која игра и кој тип го играат и за колкава уплата. Подоцнежни рекламации не се признаваат.
Коефициентите на натпреварите кои се во понудата за обложување во живо вообичаено постојано се менуваат согласно текот на играта, моментниот резултат и времето. Организаторот го задржува правото да прави какви било корекции на коефициентите од натпреварите во живо, да го стопира и повторно да го активира обложувањето на кој било натпревар, во кое било време, да ги дозволува или да ги забранува сите игри или комплетно да го стопира обложувањето, согласно неговото лично убедување.
Исплатата на добитните тикети се врши веднаш по обработката на резултатите од натпреварите, со приложување на добитниот тикет.
Коефициент 1 во „Обложување во живо“ ќе се пресмета во случај кога типувањето на некој натпревар нема смисла, односно не одговара на моментната ситуација на теренот (пр: ако случајно се одигра следен дава гол, а тој веќе паднал, или пак дадениот гол е поништен после ВАР интервенцијата, или ситуацијата да се одигра дека ќе има пенал, а веќе е досуден, како и ситуацијата да се одигра дека ќе има црвен картон, а веќе е доделен, итн, итн...). Ова се напомнува, бидејќи преносот или интернетот понекогаш може да доцни. Рекламации по оваа основа не се прифаќаат.
Во случај на прекин на натпреварот, за сите необработени тикети кои се на чекање (ОТВОРЕНИ УПЛАТИ) и кои содржат типови од натпреварот кои не се завршени, ќе се чека 48 часа за да се види дали натпреварот ќе се доигра. Во тој случај важечки ќе биде остварениот резултат од доигрувањето на натпреварот. Ако натпреварот не се доигра и по истекот на рокот од 48 часа, сите овие отворени уплати/типови, ќе бидат пресметани со коефициент 1.
Како исклучок од ова правило, за натпреварите во спортот ТЕНИС, во случај на прекин на тениски натпревар, за сите типувања и тикети се чека доигрување на натпреварот, без разлика дали поминале 48 часа, но не подолго од времетраењето на целиот тениски турнир.
Ако е доделен црвен или жолт картон на играч по означениот крај на натпреварот, истиот не се смета за важечки во обработката. Исто така црвен/жолт картон кој е доделен вон теренот (на резервен играч или на тренер) не се смета за важечки.
Во случај на тенис, ако дојде до предавање пред почетокот на натпреварот или во текот на натпреварот од страна на некој од тенисерите, сите ОТВОРЕНИ УПЛАТИ ќе се пресметаат со коефициент 1.
Ако на тениски натпревар е променет парот, односно на терен не излезат натпреварувачите кои биле најавени, за сите игри ќе биде пресметан коефициент 1.
За сите натпревари, во кои мора да има победник, но до истото ќе се дојде по продолженија или евентуално пенали, кај обложувањето во живо ќе се понудат засебни типови игри, кои ги вклучуваат и овие продолженија, т.е. пенали. Тие типови се јасно истакнати на ТВ-приказот и на самиот тикет. За сите останати типови важи резултатот до завршувањето на регуларниот дел на натпреварот.
Начин на објавување на резултатите од играта на среќа
Член 18
По завршување на натпреварите, резултатите од игрите на среќа во обложувалница, Приредувачот ги истакнува на огласна табла или на својот веб сајт.
Добивките на тикетите се утврдуваат со компјутерска обработка на сите уплатени тикети, по утврдувањето на официјалните резултати од секој понуден натпревар.
Начин и рок на исплата на добивките
Член 19
Исплатата на добитните тикети се врши после 2 часа од завршувањето на последниот натпревар на тикетот, а најдоцна во рок од 60 дена откако е тикетот обработен. Доколку учесникот не дојде за исплата во предвидениот рок од 60 дена, се смета дека се откажал од исплатата и приредувачот го задржува правото да не ја исплати добивката на играчот.
Право на исплата има само оној играч кој ќе го приложи оригиналниот тикет. Без приложување на истиот, Приредувачот нема обврска да му исплати добивка на играчот кој го загубил/оштетил тикетот.
Член 20
Исплатата на добивките со вредност помала од 500.000 денари во нето износ, се врши на уплатно-исплатно место на приредувачот.
Исплатата на добивките во вредност еднаква или поголема од 500.000,00 денари во нето износ, се врши на трансакциска сметка на добитникот, во рок од 3 работни дена.
При исплатата на добитниот тикет, играчот мора да се идентификува со лична карта или пасош за целите на данок на личен доход.
Приредувачот се обврзува на играчот со добитниот тикет да му издаде потврда за извршената исплата согласно законот за личен доход.
Играчот на кој му се исплаќа добивката за добитниот тикет, задолжително на потврдата од став 4 од овој член, своерачно внесува име и презиме, како и краток потпис. Приредувачот задржува еден примерок од потпишаната потврда.
Член 21
Секој поединечен добитен тикет согласно Законот за игри на среќа, подлежи на персонален данок кој изнесува 15 % од реалната добивка (разликата помеѓу добивката и уплатата на тикетот).
Персоналниот данок автоматски се одбива од вкупната добивка на добитниот тикет, и остатокот се исплаќа на играчот.
Приредувачот е должен да го уплати персоналниот данок за секој тикет.
Приредувачот е должен да води евиденција за сите добивки и добитници кои подлежат на персонален данок.
Лица под 18 години немаат право за исплата на добитни тикети.
Завршни одредби
Член 22
Приредувачот овие правила ги истакнува на видно место во своите објекти, како и на својот веб сајт, и на тој начин се смета дека секој играч ги познава и во целост ги прифаќа правилата за игра.
Исто така, играчите при обложувањето и уплатата на своите тикети, се должни да ги почитуваат правилата за одредени услови во обложувањето како и минималниот број на натпревари за секој тип или вид на игра, доколку постојат и се јасно и јавно објавени од страна на Приредувачот.
Член 23
Овие Правила на игра се одобрени од страна на Министерството за Финансии на РСМ и стапуваат на сила од денот на нивното објавување.
Обложувалницата го задржува правото да ги менува Правилата на игра, но само доколку добие одобрување за измените од страна на Министерството за Финансии.
Со објавување на евентуални нови/променети Правила на игра, автоматски старите Правила се ставаат надвор од сила. Новите Правила или измените на постоечките Правила треба да бидат објавени на огласна табла и/или во билтен, како и на веб сајтот на Приредувачот.
Член 24
Учесниците имаат право на приговор по било кој основ во рок од 8 дена од завршувањето на последниот натпревар на тикетот.
Приредувачот се обврзува да одговори на приговорот во рок од 8 дена од приемот на истиот.
За било каков спор помеѓу учесниците во играта и приредувачот, кој не може да се реши со меѓусебна спогодба, надлежен е Основен Граѓански Суд Скопје.
ЗЛАТНА КОПАЧКА – ЕДЕН ДОО СКОПЈЕ
Управител
Иван Ристовски